Диктаторот не трпи хумор. Знаеме зошто: исмевањето често служи како коректив на општеството. Суштински хуморот во себе содржи механизам на динамиката меѓу супериорноста и инфериорноста, па така, оној што исмева е интелектуално посилниот, а оној што бидува исмеван – послабиот. Во здравите и демократски општества, оние што уживаат позиции на моќ се мета на исмевање и ваквиот хумор е дозволен во јавноста. Но во диктатурите не е, бидејќи никој не смее да го исмева диктаторот и со тоа да го понижува и да му ја раскринкува моќта. Па така прашање на време беше кога Доналд Трамп ќе тргне во поход против американските комичари, откако тргна во поход против жените, транс лицата и имигрантите. Првата жртва: лејт најт шоуто на Стив Колбер.
Кратка историја на настаните: ако ја следите сцената на политичката комедија во САД, можеби забележавте дека вакво нешто се очекуваше. Џон Стјуарт во неговото Тудеј Шоу на Комеди Сентрал неколку пати навести дека може самиот да биде скинат од програмата откако Трамп ги тужеше СиБиЕс за наводно лажно монтирање на предизборно интервју со Камала Харис во култната емисија 60 minutes, со што од Парамаунт изрекетира спогодба од 16 милиони долари (Тудеј Шоу е исто така под власништво на Парамаунт). Но причината зошто Трамп може да го рекетира Парамаунт е затоа што на Парамаунт им требаше дозвола за спојување со компанијата Скајденс во висина од осум милијарди долари, дозвола која ја дава федерална агенција под контрола на Трамп. Дозволата беше дадена една недела откако СиБиЕс објави дека го укинува култното Лејт Шоу со Стивен Колбер, шоу со тридецениска традиција (со Дејвид Летерман од 1993 година) и е најгледаното шоу од таков тип (повеќе од Џими Фалон, Џими Кимел, Сет Мајерс и Дејли Шоу на Џон Стјуарт, на пример). Наводната причина? Економска неисплатливост.
Дека причината зад укинувањето на шоуто не е само економската неисплатливост сведочи и твитот на Трамп кој изјави дека е пресреќен што Колбер го отпуштиле. А потоа „суптилно“ се закани со тоа што напиша дека се надева дека следен е Џими Кимел.
Искрено, реакцијата на комичарите, па и начинот на кој го исмеваат Трамп сево ова време ми е малку жалосен. Вестите јавија како Колбер му се заканил на Трамп дека додека му трае договорот (до мај 2026 година) „ќе ги извадел боксерските ракавици“. Ајде, си реков, можеби сега ќе стане поинтересно и го пуштив монологот на Колбер, во кој прво видов како им се заблагодарува на сите свои соработници и на СиБиЕс, а потоа почнува „џентлменски“ да се подбива со сопствената судбина (судбина во која тој, патем, има годишна плата од 15 милиони долари). Не кажа ништо посебно освен дека ете, ќе ги извадел ракавиците, по што се запрашав – а што правеше досега? И потоа, во миг што треба да претставува кулминација на неговата критика, Колбер се врти кон камерата и му вели на Трамп „go fuck yourself”. Уау, го опцу човекот што ја рекетира цела држава, создава своја СС војска против имигранти и ги става во конц логори! Многу храбро. Публиката полуде од среќа и почна да скандира: „Стивен, Стивен, Стивен!“
Poštovani, da biste pročitali 3 besplatna teksta potrebno je da se registrujete, a da biste nastavili sa čitanjem naših premium sadržaja, neophodno je da odaberete jedan od planova pretplate.
Već imate nalog? Ulogujte se












