Ovaj tekst možete čitati i u prevodu
***
Женскиот гнев во Македонија е стигнат на точка до вриење откако по сите апели, иницијативи и повикување на одговорност, во Богданци жива беше запалена седумнаесетгодишната Билјана, која ја уби нејзиното момче. Како и сите жртви на фемицид, и Билјана попусто пријавувала, и Билјана останала незаштитена од системот. Билјана е седма жртва на фемицид годинава, што повторно нѐ стави на врвот на мапата на ужасот во Европа: трети сме по бројка на фемициди.
Грозоморното убиство на Билјана беше само каписла која го запали гневот на жените. Во меѓувреме дознавме за девојката од Битола чиј дечко ја претепал и давел, кој во среда, по само осум дена, излегува од притвор. Симболично, тоа се случува на меѓународниот ден на елиминацијата на насилството на жените. На овој ден почнуваат 16-те дена активизам кои владите многу сакаат да го слават китејќи се со портокалови бои. Само 16 дена портокалови бои вредат изгубените и уништени женски животи. Каков мајтап.
Набргу потоа дознавме за уште еден обид за убиство (обид за фемицид) во Охрид, каде што момче претепа девојка до бесознание и ја фрли пред маркет, како да е ѓубре, а не човек. Потенцијалниот убиец беше приведен, а потоа пуштен на слобода. Мајката на девојката со статус на Фејсбук алармираше што се случувало ноќта кога нејзината ќерка ќе била убиена. Сведочеше дека момчето баралo нож за да ја „докрајчи“. Дека се јавилo кај татко му, партиски човек на висока позиција, и се договарале да ја фрлат во ендек. По големата јавна реакција, потенцијалниот убиец беше вратен во притвор. За да се случи ова, требаше мајката да зборува јавно, требаше ние како жени да дигнеме глас на социјалните мрежи. Каков мајтап.
Приложувам полициски билтен од 18 и 19 ноември:
- Охрид – физички напад врз вонбрачна партнерка
- Скопје, Битпазар – физички напад врз малолетна ќерка
- Радовишко – физички напад врз сопруга
- Скопје, Битпазар – напад врз малолетничка од очувот
- Скопје, Битпазар – напад врз малолетничка од чичкото
- Скопје, Карпош – вознемирување и следење на жена
Според анализите на Министерството на внатрешни работи, бројот на пријавени случаи на семејно насилство во првите десет месеци од 2026 година е зголемен над 70 отсто во споредба со претходната година. Но и покрај ова, Градоначалникот на Општина Карпош во Скопје, Сотир Лукровски, најави одржување на „Мис Карпош“ на 28 ноември, по повод прославата за 50-годишнината на општината. Во време на фемициди, напади, силувања, вознемирувања и демнења, градоначалникот најави настан во кој женското тело се сведува на објект кој треба да се оценува. Девојки во бикини ќе парадираат на модна писта за време на 16-те дена активизам, опкружени со сомнителни ликови во костуми и кравати што како пирани се врткаат околу нив. Во оваа општина годинава како резултат на физичко и психичко малтретирања, животите трагично и грозоморно ги изгубија Ивана и Катја. Но сепак, градоначалникот смета дека треба да прославиме ваква година со сведување на женските тела на младо месо. Каков мајтап.
По претепувањето на девојката во Охрид и по јавниот изблик на гнев што се случи откако јавноста ја алармираше нејзината мајка – да, во оваа држава, мајките се тие што треба да ги спасуваат животите на нивните ќерки – жените од Охрид решија да протестираат против насилството што го трпат. Дознавам од внатрешни извори дека неформално се здружија и почнаа првпат отворено да зборуваат за насилството што го трпеле. Ваков катарзичен момент на отворање беше уништен: од кого не, ако не од партиски интереси? Партијата СДСМ дозна за најавениот протест и им го презеде на граѓанките кои првпат се осмелија својата ранливост да ја изнесат на улица. Каков мајтап.
Што се случуваше во меѓувреме во Охрид? Работилница на светски озлогласениот злоупотребувач на жени, против кој се водат процеси во неколку европски земји – Сем Вакнин, самопрогласен експерт за нарцисоидно наручување на личноста. Сем Вакнин, ѕвездата на документарецот A Narcissist’s Playbook, како и истоимениот поткаст-серијал на истражувачката новинарка од Шкотска, Ајла Траквир, во мигов е светска тема кога се во прашање малигните нарциси, злоупотребувањето и силувањето на жените. Сем Вакнин, кој се претставува како професор и доктор на науки, иако тоа не е, и кој според истражувањата на Траквир, сам го манипулира интернетот за да се прикажува како експерт на теми за кои не е експерт, живее во Скопје и оперира од кај нас. Токму во Охрид ги држи семинарите каде што сосема е возможно да наоѓа жртви, или војници во својата кауза. Еден преварант, кој тврди дека помогнал во укинувањето на ембаргото во Србија (а има докази дека тогаш бил во затвор во Израел), сега нашол нов идентитет, кај нас, со кој манипулира со женските животи. И никој ништо не презема против тоа. Каков мајтап.
Охрид: бисерот балкански, но и центар на крајно-десничарски светски сили што се обидуваат да го забранат абортусот и да забранат книги во образовниот систем што имаат каква било врска со род или различност. Затоа минатата година, токму во овој привиден рај, беше лансирано движењето „Мајките за Македонија“, како дел од светската мрежа „Мајки за слобода“ – или, „Moms of Liberty“, организација што лобира трампистички интереси за забрана на абортус и книги во училиштата и библиотеките. Токму во Охрид организацијата создаде глобална мрежа, со присуство на уште 17 земји од светот. Беше присутна и Американката Кимберли Флечер, претседателката на „Moms of America“. А соосновачка на самата глобална организација, замислете, е Македонката Ана Дуковска, претседателка на здружението „Јас сум жена“ – уште едно здружение што ги извитоперува термините „мајка“ и „жена“, а и зборот „безбедност“. За нив, безбедност значи заштита од абортус, заштита од книги за различност. Каков мајтап.
Ваквите сознанија не ја спречија претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, најмоќната жена во Македонија, да се сретне и фотографира со Дуковска, а и со директорката на градската библиотека во Скопје. Ќе забрануваме ли наскоро книги и абортус со амин на претседателката? Каков мајтап.
Претседателката, исто така, како реакција на порастот на напади и фемициди, предложи мерка против насилството: јавно изложување на фотографиите на насилниците во Народната канцеларија. Замислете, врховниот командант на вооружените сили, предлага галерија од насилници, своевидна изложба во државна институција (инаку, побогу, знае што е тоа Народна канцеларија?!) Баш како да сме во среден век и немаме други механизми за справување со насилството, освен викање гласно на селска чешма. Каков мајтап!
Кога сме кај изложбите и уметноста, деновиве имаме нов пример на „purplewashing“ – злоупотреба на женските права од страна на организации за да си го подобрат имиџот во јавноста. Па така, во среда, Меѓународниот ден за елиминацијата на насилство врз жените, почнува грчкиот филмски фестивал. Но фестивалот оваа година е посветен на жените и се вика „Женски поглед“. Тоа можеби не би било проблем, македонски организатор на фестивалот да не беше директорот на фестивалот „Киненова“, кој пред три години му даде награда за животно дело на глумецот Бранислав Лечиќ, обвинет за силување од глумиците Данијела Штајнфелд и Мерима Исаковиќ. И покрај реакциите од јавноста и од фелата, наградата не беше повлечена. Но затоа, сега сите треба да заборавиме на доделување на награда за животно дело на еден силувач, па да учествуваме на женски проекции и панели, па уште и да бидеме благодарни дека ни е даван простор за изразување. Каков мајтап.
И на крај најголемиот мајтап: министерката за образование и наука го повлече сеопфатното сексуално образование од училиштата, по консултација не со Институтот за родови студии или со друга образовна институција, туку по консултација со поп од МПЦ, со Отец Јаков. Па така, осмислија нов предмет кој се вика „Заштита на здравјето“, оти нели, зборот секс е безобразен. Но иако е безобразен, министерката на првачињата им порача на им кажат на своите родители да имаат секс. Па им порача да си побараат братче или сестриче. Подобро да има кажеше само братче да си побараат, оти сестричките им ги убиваат.
Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ во среда во 17.00 часот организира протест во паркот „Жена борец“ откако во петокот извршија блокада пред Владата. Сметам дека сите треба да дојдеме на овој протест. Едноставно е: се работи за нашите животи. Доста беше.
Poštovani, da biste nastavili sa čitanjem naših premium sadržaja, neophodno je da odaberete jedan od planova pretplate.
Već imate nalog? Ulogujte se













